Францускиот амбасадор Сирил Баумгартнер вечерва изјави дека патот што треба да го следи Македонија е оној кон Европската Унија.
„Патот што мора да се следи е оној кон оваа ЕУ, каде што ве чекаме, каде што се надеваме на вас, каде што посакуваме“, рече Баумгартнер на македонски јазик.
Францускиот предлог, како што рече, не е совршен, но е најдобар можен.
„Како секој компромис и како и самиот живот, така и овој предлог не е совршен. Но, тој е најдобриот можен. Оној кој е на маса и кој почитувајќи го македонскиот идентитет повторно ги отвора европските перспективи на државата.
Во јули минатата година се одржа меѓувладината конференција на која се чекаше цели 15 години“, рече меѓу другото Баумгартнер во својот говор по повод 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Франција.