Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по повод Денот на државноста на Србија-Сретење, доби честитки од повеќе светски претседатели меѓу кои од претседателот на САД, Џозеф Бајден, кој порача дека САД силно го поддржуваат патот на Србија кон пристапување во ЕУ, дијалогот со Косово и му се заблагодари за поддршката во Украина, јави дописникот на МИА од Белград.
Американскиот претседател, меѓу другото, изјави дека се радува на зајакнување на економските врски и зајакнување на регионалната соработка.
-Изградбата на поуспешен и постабилен Западен Балкан е во интерес и на САД и на Србија, а во текот на следната година со нетрпение очекувам да ја унапредиме оваа цел преку зајакнување на регионалната енергетска безбедност и проширување на нашите економски врски, порача Бајден, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ.
Во честитката Бајден додаде дека „САД ја ценат поддршката што Србија и ја пружи на Украина во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет кога таа се соочи со бруталната инвазија на Русија“.
-САД силно го поддржуваат и патот на Србија кон пристапување во ЕУ и остануваат посветени да и помогнат на Србија да ги зајакне своите демократски институции кон исполнувањето на оваа цел. Исто така ја охрабрувам Србија да продолжи со минатогодишниот напредок во дијалогот со Косово, со посредство на ЕУ. Договорот за нормализација и имплементација претставува клучни чекори кон помирна и поуспешна иднина на Србија, регионот и Европа, му порача Бајден на Вучиќ.
Денот на државноста на српскиот претседател му го честиташе и францускиот претседател Емануел Макрон.
-Поддршката за европската интеграција на Србија останува приоритет на нашето партнерство. Ќе можете да сметате на поддршката од Франција, за напорите што Србија ќе ги преземе соодветно да се земат предвид при нејзиниот процес за пристапување во ЕУ. Франција, исто така, ќе продолжи да го поддржува дијалогот што го олеснува ЕУ со цел нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, порача Макрон.
Во честитките за празникот, со поддршка на евроинтеграциите на Србија во ЕУ и за дијалогот со Косово порачаа и австрискиот претседател Александар Ван дер Белен, италијанскиот претседател Серџо Матарела, кипарскиот претседател Никос Христодулидес и полскиот претседател Анджеј Дуда.
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар во честитката меѓу останатото порача „да нè обедини заедничката посветеност на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан за што би придонеле и конструктивните дискусии во рамките на процесот Брдо-Бриони“, додека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ порача дека „се надева да во наредниот период ќе се направи напор кој ќе овозможи подобрување на нашите билатерални односи“.
Денот на државноста на Србија го честитаа и претседателите на Индија, Иран и Египет, како и други претседатели и суверени на држави од светот.