– Американскиот претседател Џо Бајден за денеска ги откажа сите закажани ангажмани заради неговиот втор стоматолошки зафат што трае два дена, откако изјави дека страда од забоболка, објави Белата куќа.
Бајден вчера кажа дека чувствува болки во забите, поради што дента требаше да оди на преглед и да се подложи на лечење на коренскиот канал, се наведува во писмото од неговиот лекар објавено до медиумите.
„Претседателот добро го поднесе зафатот. Немаше никакви компликации“, напишал лекарот Кевин О’Конор.
Откако и утрово доживеа болка, за која О’Конор рече дека е очекувана, медицинскиот тим на Бајден имал намера да го „заврши зафатот на коренскиот канал на претседателот“ во Белата куќа.
-Не се очекува Бајден да биде анестезиран и нема да биде потребно да ги делегира своите овластувања на потпретседателката Камала Харис за време на процедурата според 25-от амандман на американскиот Устав, изјави претставник на Белата куќа.
Белата куќа денеска го откажа учеството на Бајден на настан во чест на спортистите од универзитетите, а наместо него на настанот присуствуваше Харис.
Откажани се и приемот на дипломатите и средбата на Бајден со лидерот на НАТО Јенс Столтенберг. Тие два настани се преместени за вторник.
Осумдесетгодишниот Бајден е најстариот човек што некогаш бил претседател на САД, а неговата возраст и здравје се централно прашање за гласачите, бидејќи има намера да се кандидира за втор четиригодишен мандат на претседателските избори следната година.