Бајден изрази скептицизам за мировниот план на Кина за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден изрази скептицизам во врска со мировниот план на Кина за Украина. Во интервју за телевизијата Еј-Би-Си, тој ја потврди и својата намера да се кандидира за втор мандат следната година.

– Идејата дека Кина може да преговара за крај на војната не е разумна, рече Бајден.

-Американскиот претседател тврдеше дека „нема ништо во планот што ќе има корист некому освен Русија. Рускиот претседател Владимир Путин го поздравува планот, па како може да биде тоа добра работа?“, праша Бајден реторички.

Кинескиот мировен план за Украина ги повикува двете страни во конфликтот да се согласат на постепена деескалација и предупредува да не се користи нуклеарно оружје. Тоа во голема мера ја повторува позицијата на Кина од почетокот на војната.

Американскиот претседател потврди дека засега САД нема да испратат борбени авиони Ф-16 во Украина, како што инсистира неговиот украински колега Володимир Зеленски.

-На Зеленски сега не му требаат Ф-16. Засега отфрлам испраќање такви воени авиони, рече Бајден.

Во интервјуто американскиот претседател потврди дека има намера да се кандидира за втор мандат следната година. Воедно појасни дека нема да се брза со официјално објавување на кандидатурата.

-Луѓето имаат причина да ја доведуваат во прашање мојата возраст, ​​призна 80-годишниот Бајден, но нагласи: „Се што можам да кажам е: гледајте што правам!

Лекарскиот преглед минатата недела заклучи дека американскиот претседател е способен да ги извршува своите должности.