Бајден: Ослободувањето на заложниците е само почеток, циклусот на насилство мора да заврши

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека денешното ослободување на првата група заложници од страна на Хамас е само „почеток“ и дека има „реални“ шанси за продолжување на привремениот прекин на огнот во Газа.

Говорејќи пред новинарите во Нантакет, Масачусетс, каде што го поминуваше празникот Денот на благодарноста со своето семејство, Бајден додаде дека е време да се „обнови“ работата на решение со две држави за мир меѓу Израел и Палестинците.

„Очекуваме утре да бидат ослободени уште заложници. Во следните неколку дена очекуваме десетици заложници да им бидат вратени на нивните семејства“, рече Бајден, додавајќи дека нема да запре додека сите преостанати заложници во Појасот Газа не се вратат дома.

Американскиот претседател истакна дека мора да се прекине „циклусот на насилство на Блискиот Исток“.