Бајден: Постигнат е договор за зголемување на лимитот за задолжување, сега на ред е Конгресот

Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека постигнал договор со претседателот на Претставничкиот дом на републиканците, Кевин Мекарти за зголемување на границата на долгот од 31,4 билиони долари до 1 јануари 2025 година и дека Конгресот сега може да гласа за тоа.

„Овој договор е добра вест за американскиот народ“, изјави Бајден во Белата куќа по разговорот со Мекарти. „Со тоа се симнува од маса катастрофалната закана од банкрот и го штити нашето тешко стекнато и историско економско закрепнување“, додаде Бајден.

Договорот за јавниот долг, кој ја спречува владата да прогласи банкрот, што би било првпат во американската историја, доаѓа по неколку неделни преговори меѓу Бајден и републиканците во Претставничкиот дом.

Сепак, договорот мора да помине низ тоа поделено тело пред 5 јуни, кога Министерството за финансии на САД ќе објави дека нема повеќе пари.

„Силно ги повикувам двата дома да го прифатат договорот“, рече Бајден, додавајќи дека очекува Мекарти да има доволно поддршка за потврда на договорот.

Договорот беше критикуван од десничарските републиканци и левичарските демократи, но Мекарти претходно во неделата изјави дека верува дека ја има поддршката од мнозинството републиканци.

Овој договор ќе го суспендира лимитот на долгот до 1 јануари 2025 година, ќе ги ограничи државните трошоци во буџетите за 2024 и 2025 година, ќе ги врати неискористените средства наменети за борба против пандемијата, ќе го забрза издавањето дозволи за некои енергетски проекти и ќе воведе дополнителни работни обврски во социјалните програми.