Бајден ја поздравува одлуката на МКС за апсење на Путин: “Ова испрати силна порака!“, Кремљ потегот го смета како бесмислен
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден изјави во петокот дека претседателот на Русија, Владимир Путин извршил воени злосторства и дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за негово апсење е оправдана.
Претходно во петокот МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин под сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и трансфер на луѓе од територијата на Украина во Русија.
„Мислам дека тоа е оправдано. Проблемот е што не сите го признаваат судот, вклучително и ние. Но, мислам дека тоа испрати силна порака“, им порача Бајден на новинарите.
САД утврдија, независно од МКС, дека руските воени сили извршиле воени злосторства во Украина и веруваат дека сторителите мора да одговараат, се вели во соопштението на портпаролот на Стејт департментот.
Потегот на МКС обврзува 123 земји-членки да го уапсат Владимир Путин доколку биде пронајден на нивна територија и да го префрлат на судење во Хаг.
Русија ги отфрла обвинувањата дека нејзините воени сили извршиле воени злосторства за време на инвазијата. Кремљ во петокот објави дека налогот за апсење на Владимир Путин е срамота и, што се однесува до Русија, бесмислен, и дека Русија, како и многу други земји, не ја признава јурисдикцијата на МКС.
Римскиот статут, кој го основа МКС во 2002 година, беше ратификуван од 123 држави. Меѓу нив, меѓу другите, не се САД, Кина, Израел, Пакистан, Саудиска Арабија, Турција, Иран и Индија.