Откако Белата куќа потврди дека Русија развива „загрижувачко антисателитско оружје“, Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност, во четвртокот рече дека тие сè уште „не можат да предизвикаат директно физичко уништување на Земјата“.
Во средата, републиканскиот претставник Мајк Тарнер го повика американскиот претседател Џо Бајден да ги декласифицира информациите поврзани со „сериозна закана за националната безбедност“.
- Барам да се декласифицираат сите информации поврзани со оваа закана за да може Конгресот, администрацијата и нашите сојузници отворено да разговараат за дејствијата неопходни за одговор на истата закана – рече тој.
За потсетување, Кирби во четвртокот рече дека американските разузнавачи имаат информации за рускиот развој на антисателитско оружје, кое, како што тврди, не е оперативно – барем засега, пишува Newsweek.
- Иако оваа информација е загрижувачка, нема директна закана за ничија безбедност. Овде не зборуваме за оружје што може да се користи за напад врз човечки суштества или што може да предизвика физичко уништување на Земјата – изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, кој одговори и на повиците на Тарнер за декласификација на информациите.
-Ние донесуваме одлуки за тоа како (и кога) ќе ги презентираме разузнавачките податоци на јавноста на внимателен, намерен и стратешки начин. Ќе продолжиме максимално целосно да ги информираме членовите на Конгресот за сè, како и нашите меѓународни партнери, сите вас и американскиот народ, ве уверувам во тоа – рече тој.
И конгресменот Адам Смит го доведе во прашање барањето на Тарнер да се декласифицира информациите испратени до Бајден.
- Неговиот потег ми е необјаснив. Има околности кога сакаме другата страна да го знае она што ние го знаеме. Но, тоа е одлука која се носи на највисоките нивоа на извршната власт. Тоа не е одлука на поединец. Ова е многу, многу ризичен потег – коментира овој демократ од Вашингтон.
Претставници на Белата куќа велат дека американските разузнавачи се загрижени поради широко распространетата декласификација на разузнавачките информации.
Џејк Саливан , советникот за национална безбедност на Белата куќа, требаше да ги информира пратениците за руската закана во четвртокот, а Кирби тврди дека „процесот на разгледување и декласификација на тие аспекти бил во тек кога Тарнер го објави своето барање“.
Бевме многу внимателни и обмислени што ќе декласифицираме, каде ќе го намалиме степенот на тајност и што ќе споделиме со јавноста – рече тој во четвртокот.