Бела куќа: Ни снемуваат пари за помош на Украина

Функционерката на Белата куќа Шаланда Јанг денеска во писмо до претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон и лидерите на Конгресот предупреди дека на САД им снемува време и пари да и помогнат на Украина во војната со Русија.

Во октомври, администрацијата на претседателот Џо Бајден побара од Конгресот финансирање од речиси 106 милијарди долари за амбициозните планови насочени кон безбедноста на Украина, Израел и САД на границата. Претставничкиот дом е контролиран од многу мало мнозинство републиканци, кои веруваат дека финансирањето на Украина стана политички контроверзно.

„Намалувањето на финансирањето може да ја зголеми веројатноста за руска победа“

Во писмото објавено од Белата куќа, Јанг истакна дека прекинот на финансирањето и испораката на оружје за Украина може да ја зголеми веројатноста за руска победа. „Сакам да бидам јасна: без акција од Конгресот, до крајот на годината ќе снемаме ресурси за набавка на повеќе оружје и опрема за Украина, како и за набавка на опрема од американските воени залихи“, напиша таа.

„Нема магичен фонд со средствата што ни се достапни во овој момент. Ние сме без пари и речиси без време.”

До средината на ноември, американското Министерство за одбрана искористи 97 отсто од дополнителните 62,3 милијарди долари што ги доби, а Стејт департментот ги искористи сите 4,7 милијарди долари од фондот за воена помош што му беше доделен, пишува Јанг.

За економска помош се потрошени околу 27,2 милијарди долари, а за хуманитарна помош уште десет милијарди.