“БЕЛЕЖИМЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ДРЖАВАТА“ – Благој Бочварски во посета на општина Пробиштип и општина Лозово
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денес ја посети општината Лозово, каде изврши увид и во градежните активности на реконструкција на главната улица во населеното место Аџиматово, проект исто така што се реализира преку Министерството за транспорт и врски.
Тој во рамките на посетата на Аџиматово, оставри средби и со локалното население. Во општина Лозово преку Проектот за поврзување со локални улици и патишта се инвестирани над 580 илјади евра, а до сега се реконструираа вкупно 23 локални улици и патишта во општината.
Министерот Благој Бочварски претпладнево изврши и увид во градежните работи на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Пробиштип. Инвестицијата е во висина од речиси 10 милиони денари, а во моментов се работи на поставување на потпорни ѕидови во должина од 140 метри.
„По завршување на потпорните ѕидови, ќе се пристапи кон проширување на улицата и изградба на тротоари, со што улицата ќе добие нов лик, а на граѓаните ќе им овозможиме зголемена безбедност при движење по овој дел од градот“, порача Благој Бочварски во Пробиштип.
Претходно, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, министерот Благој Бочварски, напиша дека Министерството за транспорт и врски бележи највисоко ниво на капитални инвестиции во државата.
„Бележиме највисоко ниво на капитални инвестиции во државата, во патната, железничката, комуналната инфраструктура, изградбата на социјални станови“, стои во објавата на Благој Бочварски од посетата на општина Пробиштип.