Белорусија започна со изградба на кампови за членовите на групата Вагнер – дури 8.000 платеници ќе бидат сместени на мистериозна локација

Рускиот опозициски весник Verstka објави дека Белорусија почнала да гради кампови за борците на приватната воена група Вагнер, кои во саботата се обидоа да извршат државен удар во Русија.

Камповите ќе бидат лоцирани во регионот Могилев во Белорусија, на приближно 200 километри од границата со Украина и ќе можат да примат 8.000 борци, пренесуваат медиумите.

Регионалните власти на Могилев, наводно, ги добиле сите можни инструкции да започнат со изградба на кампови. Според изворот на споменатиот весник, ќе има неколку кампови, од кои едниот ќе се наоѓа во близина на градот Осиповичи, но точната локација останува мистерија. Роднините на оние од групата Вагнер потврдија дека платениците ќе бидат испратени во Белорусија.

Еден извор открил дека единиците на Вагнер кои сè уште остануваат во Ростов на Дон ќе бидат испратени во Белорусија. Сопругата на еден борец на Вагнер раскажала како нејзиниот сопруг, кој во саботата бил во Ростов на Дон, и рекол дека „најверојатно“ ќе биде испратен во Белорусија.

И така, вооружениот бунт во Русија заврши откако беше постигнат договор, кој очигледно беше посредуван од Белорусија и нејзиниот претседател Александар Лукашенко. Првиот човек на Вагнер, Евгениј Пригожин се согласил да ја напушти Русија и да замине во соседна Белорусија како дел од преговорите, објави во саботата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Евгениј Пригожин денес за прв пат по неговото повлекување се обрати во аудио порака во која изјави дека сака со акцијата да го спречи уништувањето на Вагнер и дека целта не му била соборувањето на рускиот претседател Владимир Путин