Бендевска главен адут на ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ со Сајкоски во ИЕ 5

Додека два од главните играчи сè уште ги кријат адутите за носители на изборните листи, помалите партии почнаа да ги објавуваат. Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски оди со млади, релативно непознати кадри. Најпозната за јавноста е Весна Бендевска, поранешна пратеничка од СДСМ, која до неодамна ја предводеше комисијата за дискриминација.

Во првата изборна единица носител ќе биде Бобан Карапеовски, професор на катедрата по Македонски јазик, прв на листата во двојката е директорот на „Чистота и зеленило“ од Куманово, Даниел Стојчевски, во тројката е пензионираниот генерал, Павле Арсовски, додека четворката ќе ја предводи претседателот на Стопанската комора на ЈИМ, Миле Цеков.

Носител во шестата изборна единица им е претседателот на тетовскиот огранок, Небојша Захариевски. Иако сите очекуваа прв на листата да се најде генералниот секретар Горан Минчев, тој тоа го одбил.

Денеска и од ВМРО-ДПМНЕ ја комплетираа листата на носители. Како што веќе објавивме, носител во петтата изборна единица ќе им биде пратеникот Ѓорѓија Сајкоски.

Николоски и самиот ќе биде носител на листа во четвртата изборна единица. Освен претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, кој ќе биде носител во првата изборна единица, сите останати носители се пратеници. Во двојката листата ќе ја предводи Владо Мисајловски, во тројката Драган Ковачки, а во шестката Дафина Стојановска.

Листата е, речиси, комплетирана и во коалицијата „Вреди“. Сè уште не е познат уште носителот во петтата изборна единица, која е резервирана за Алијанса за Албанците. Во сите останати, листите ќе ги предводат партиските претседатели. Меџити во единицата, Гаши во двојката и Касами во шестката.

СДСМ адутите ќе ги откријат на утрешниот Конгрес. Претседателот Димитар Ковачевски, кој ќе ја предводи листата во првата изборна единица, вчера потврди само дека Сања Лукаревска ќе биде носител, но не кажа во која единица. Оваа партија најверојатно повторно ќе има и ко-носители. Меѓу адутите се и Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Венко Филипче, Јован Митрески, Бисера Костадиновска-Стојческа, Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.

Адутите се кријат и во ДУИ. Извесно е дека носител во шестката ќе биде Али Ахмети, додека за единицата се спомнува Талат Џафери. Се шпекулира и со имињата на Садула Дураку, Муса Џафери и Блерим Беџети, но од оваа партија се` уште преговараат и за коалицирање со Села и Хоџа.