Според Штетнер, изградбата на пробна патека за воз кој нема да има потреба од машиновозач ќе чини од 80 до 85 милиони евра.
Градот Берлин планира да тестира воз со магнетна левитација (маглев) на патека долга пет километри, изјави претседателот на фракцијата на Демохристијаните (ЦДУ) во градското собрание, Дирк Штетнер.
Тој очекува „пловечкиот“ воз да биде поевтин и дека изградбата на пругата ќе потрае помалку од изградбата на нова подземна железничка линија, изјави претставник на берлинската ЦДУ.
Дополнително, интересна е информацијата, особено ако се земе предвид хроничниот недостиг на работници во берлинската компанија за јавен превоз BVG, дека маглевот ќе работи без возач, нагласи Штетнер.
Берлинските медиуми пишуваат дека социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц се согласиле со тој план, пренесува Хина.
Ублажување на климатските промени
Според Штетнер, изградбата на тест патеката ќе чини од 80 до 85 милиони евра, а ќе се финансира од посебен фонд од пет милијарди евра за проекти кои треба да ги ублажат климатските промени.
Функционерот на ЦДУ не соопшти детали за трасата, а не се знае ни кога треба да почне изградбата.
Од 1984 до 1991 година, Западен Берлин имаше кратка M-Bahn линија за магнетни возови, која првично беше тест проект, а потоа накратко беше вклучен во редовниот сообраќај.
По обединувањето на Германија, проектот беше напуштен, забележува агенцијата dpa.