Берлускони од болница се обрати на своите приврзаници: Подготвен сум да се вратам на работа

Поранешниот италијански десничарски премиер Силвио Берлускони, кој веќе еден месец е во болница, денеска им се обрати на своите приврзаници преку видео порака од болничката соба.

„Еве ме, после еден месец првпат носам кошула и костум, рече тој во снимениот говор емитуван на Конгресот на неговата десничарска партија Форца Италија.

Во 20-минутното видео, кое денеска наиде на аплауз во Конгресот, Берлускони додаде дека е подготвен да се врати на работа, но неговите лекари сè уште не кажале кога може да си оди дома, иако во средата рекле дека неговата состојба е „стабилна“.

Берлускони во пораката рече дека неговата партија е „рбетот на Владата“ на Италија, за да се осигура дека нејзините одлуки се навистина точни, правични, избалансирани.

Берлускони на 5 април беше примен во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано поради инфекција на белите дробови, по што лекарите прво спомнаа дека има и леукемија.