Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека со ребалансот на буџетот се гарантира исплатата на платите кои во некои сектори се зголемени.
„Предлог-одлуката за распределба на средствата меѓу буџетските корисници е одлука за пренамена на средствата за исплата на зголемени плати за вработените во јавниот сектор, од овој месец, нешто што е договорено со синдикатите, исплата на зголемените пензии од 6 % за пензионерите од октомври, што е во согласност со методологијата што заедно ја дефиниравме, средства за социјални права, повеќе средства за земјоделски субвенции, за лекот трикафта за 55 пациенти и за ленти за лица со дијабетес“, рече министерот на финансии, Фатмир Бесими во Собранието каде се расправаше за дополнетата Предлог-одлука за прераспределба на средствата меѓу буџетските корисници, која содржи и осум амандмани кои беа прифатени на комисиската седница.
„Вредноста на оваа прераспределба е околу триста милиони евра, што е направено без зголемување на дефицитот и обезбедени се средства за сите трошоци што беа предвидени“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека тоа е направено од деловите каде што имало помала динамика на реализација, од заштеди и зголемени приходи од придонеси.