Бесниот Чави ќе мора да одработи суспензија во Ла Лига: Тоа е моја вина

Чави Ернандес не го криеше огромното незадоволство за неочекуваниот пораз од Алмерија, кој пристигна само неколку дена по разочарувањето кое го доживеа тимот на „Олд Трафорд“.

Елиминацијата во Лигата на Европа очигледно влијаеше психолошки кон каталонците, кои вчера беа непрепознатливи против Алмерија и загубија со минимални 1:0.

Чави по крајот на мечот истакна дека нема сомнеж дека ова било најлошата партија на неговиот тим од стартот на сезоната и нагласи дека е посебно лут, но дополнителен проблем си направи и самиот бидејќи заработи суспензија за следниот меч на „Камп Ноу“.

Поради петти жолт картон поради протести, Чави ќе мора да го пропушти дербито против Валенсија кое се игра во следното коло, а суспензија ќе мора да одработи и Гави.

– Тоа е моја вина. Јас ги доживувам натпреварите како да се натпреварувам од клупата и очигледно протестирам кога не треба да го правам тоа. Затоа постојат жолти картони и за тренерите. Ќе мора да одморам, а после стартувам од нула, – изјави Чави кој претходно доби јавна опомена од судиите на натпреварите против Атлетик, Осасуна, Еспањол и Џирона.