Билатерални средби на Петровска со колегите од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово

Министерската за одбрана Славјанка Петровска во рамки на состанокот на министри за одбрана на Иницијативата САД-Јадранска повелба денеска оствари одвоени средби со Драган Краповиќ, министер за одбрана на Црна Гора, Славен Галиќ, заменик-министер за одбрана на Босна и Херцеговина и Ејуп Маќедонци, министер за одбрана на Косово кое е земја-набљудувач во рамки на оваа Иницијатива.

На средбите Петровска истакна дека земјите од Западниот Балкан заслужуваат да бидат дел од Европската Унија и ја потенцираше важноста на интегративните процеси за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот.

На новопоставениот црногорски министер за одбрана, Драган Краповиќ, министерката му посака успешен мандат и порача дека двете земји имаат одлични одбранбени односи како две сојузнички земји во НАТО, а заедно се посветени и на регионалните иницијативи како САД – Јадранската повелба.

„Овој состанок ја потврди посветеноста на регионот кон безбедноста. А5 е една успешна приказна која треба да послужи како пример за одлична регионална соработка. Билатерално имаме одлична одбранбена соработка која целосно ја поддржувам зашто денеска сме дел од Алијанса која ја трасира иднината”, рече министерката.

Министерот Краповиќ порача дека блиските односи помеѓу Македонија и Црна Гора се приказ за трајното пријателство и отвореноста за уште поблиска соработка. Краповиќ се заблагодари за можноста за реализација на обуки за црногорските вооружени сили на Криволак, како и за школувањето на питомци за потребите на вооружените сили на Црна Гора на Воената академија во Скопје.

Министрите разговараа и за заедничкиот придонес на Македонија во мултинационалните сили на НАТО во источното крило, што е приказ за заедничката посветеност на зацврстувањето на колективната одбрана на Алијансата.

На средбата со заменик министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Галиќ, Петровска порача дека Македонија високо ја цени билатералната одбранбена соработка и е подготвена да ги пренесе искуствата на БиХ во евроатлантските интегративни процеси.

„Уверена сум дека денешната средба ќе придонесе за интензивирање на билатералната одбранбена соработка меѓу нашите две пријателски земји. Ја поддржуваме Босна и Херцеговина и подготвени сме да ги пренесеме нашите искуства во евроинтегративниот процес”, рече Петровска.

Министерката изрази задоволство што Македонија придонесува во рамките на ЕУ операцијата „АЛТЕА” во Босна и Херцеговина која е фактор на стабилност во земјата и во регионот.

Петровска и Галиќ разговараа и за можностите за унапредување на билатералната соработка преку потпишување на билатерален договор за соработка за што имаа целосна поддршка.

Министерката Петровска упати честитки и му посака успех и на новопоставениот косовски колега, Ејуп Маќедонци и истакна дека овие средби се показател за одличните односи помеѓу двете земји.

Петровска потенцираше дека од најголема важност е сигурен, стабилен и просперитетен регион и дека Македонија секогаш дава приоритет на политичкиот дијалог за отворените прашања.