„Билд“: Ова се бизарните планови на АфД за Германија

Партијата ќе се залага за укинување на Европскиот парламент и повторно воведување на националната валута

Десет години по нејзиното основање, Алтернатива за Германија (АфД) очигледно станува порадикална – од првичните барања во 2013 година за спас на еврото, излезе со предлог не само за излез на Германија од Европската унија, туку и за распаѓање на ЕУ, пишува германскиот весник.

Предлогот е наменет за изборното собрание на ЕУ и е елабориран од Федералната програмска комисија на партијата.

Меѓутоа, една од лидерите на АфД, Алис Вајдел, го прецизираше барањето – на партиската конференција што ќе се одржи викендов во Магдебург, „само“ треба да се донесе одлука за преструктуирање на ЕУ во европска економска заедница и заедница на интереси (како што беше веќе по Втората светска војна).

Алтернативата за Германија ќе се залага за укинување на Европскиот парламент, бидејќи тоа е „недемократска конструкција неспособна за реформи“.

Исто така, фокусот е ставен на „повторното воведување на националните валути“. Значи, на враќање на марката во Германија затоа што еврото пропадна.

„Европската централна банка манипулира со пазарите купувајќи обврзници и на тој начин индиректно финансира други земји“, тврдат од АфД.

Вака или онака, не би останало многу од ЕУ каква што ја знаеме, наведува „Билд“.