После Земан, Чешка врти нов лист: Петр Павел конечно испрати амбасадор во Косово

Чешка досега имаше само вршител на работите во амбасадата во Приштина, бидејќи и Вацлав Клаус и Милош Земан беа жестоки противници на воспоставувањето дипломатски односи со Косово.

По 15 години од признавањето на Косово, Чешката Република за прв пат испраќа амбасадор во Приштина. Тој потег досега беше блокиран од двајца претходни претседатели, Вацлав Клаус и Милош Земан.

Претседателот на Чешката Република, Петр Павел на предлог на Владата именуваше 26 нови амбасадори на Чешка во светот, меѓу кои и Бохумил Мазанек, меѓу нив и на Косово, соопшти денеска чешкото Министерство за надворешни работи.

Мазанек е еден од чешките дипломати од кариера со диплома од Државниот институт за меѓународни односи во Москва, а досега беше амбасадор во Литванија, вршител на работите во Тајланд и генерален конзул во Шангај, Кина и Катовице, Полска, пишува „Радио Слободна Европа“.

„Министерството долгорочно се залага дипломатските односи со Косово да бидат на највисоко ниво, бидејќи е неопходно да се исправи апсурдноста дека Чешка ја признава независноста на Косово, има амбасада во земјата, но нема амбасадор“, изјави портпаролот на чешкото Министерство за надворешни работи, Даниел Дрејк.