Град Скопје ја демантира изјавата на Џафери дека ЈП „Паркови и зеленило“ е надлежно за зеленилото во дворот на Владата

 Град Скопје ја демантира изјавата на техничкиот премиер Талат Џафери, кој денеска на прес-конференција во одговор на новинарско прашање за зеленилото во дворот на Владата кажа дека надлежност е на ЈП „Паркови и зеленило“ да се грижи за зеленилото, бидејќи земјиштето е во сопственост на Град Скопје. Според Град Скопје, Џафери избегнува одговорност незнаејќи дека тоа е негова обврска.

– Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува, стои во реакцијата од Град Скопје. 

Велат ЈП „Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари, паркови и површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон и појаснуваат дека доколку било која институција во земјава сака да ги ангажира треба да склучи договор со ЈП „Паркови и зеленило“.

– ЈП „Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи договор, исто како и секоја друга институција во Македонија, наведуваат од Град Скопје.

Џафери на денешната прес-конференција рече дека Владата нема предвидено средства за зеленилото во дворот. Според Џафери, земјиштето е во сопственост на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на главниот град, е надлежно за земјиштето кое припаѓа на Град Скопје.

– Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите, прописите земјиштето е сопственост и надлежност на Градот Скопје и според договорот и обврските „Паркови и зеленило“ како јавно претпријатие кое што се грижи за изгледот на главниот град е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства, ниту пак може да предвиди средства за работи коишто се надлежни други институции и во тој контекст јас жалам што изгледа така, но секако и во изборите мислам дека соодветен одговор доби и градоначалничката на Градот Скопје по однос на изборниот резултат, така што граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат и со го дадоа својот одговор, рече Џафери.