Мицкоски: Да се обединиме за голема победа, да работиме дијаспората да се враќа дома

– Сега сме пред историска победа на парламентарните и претседателските избори како никогаш досега. Таа победа мора да биде со консолидиран број 61 пратеници, затоа што победата нема да биде доволна само за обични реформи, нас ни треба целосна трансформација на Македонија. Оваа генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност да ја води Македонија и да работи само за интересот на Македонија, македонскиот народ и граѓаните на Македонија. Ова денеска го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со македонската заедница во Тринген, Швајцарија.

Мицкоски, како што информира ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека по 8 мај и новата влада на ВМРО-ДПМНЕ се ќе биде поинаку, а прва задача ќе биде луѓето да се вратат дома. – Ние како политичари да сториме се што е во наша моќ да овозможиме услови нашата дијаспора да се врати дома, да живее, инвестира и биде задоволна. Сакам следната ваква средба да ја направиме со историски најголемата победа на 8 мај дома во Македонија, рече Мицкоски, додавајќи дека народот е нивен сојузник. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изрази задоволство од работата на раководството во партијата. – Презадоволен сум што можам да кажам дека една плејада млади луѓе кои денеска ја имаат можноста да управуваат со општините, општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, јавните претпријатија, веќе месеци, повеќе од две години тоа го прават достоинствено, чесно и посветено и покрај сите опструкции со кои се соочуваат. Повеќе од две години во Македонија немате ниту еден скандал поврзан со градоначалниците и официјалните лица на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Од друга страна, како што рече, Владата, СДСМ и ДУИ на дневна основа генерираат по 2-3 скандали. – Покажавме дека не сме сите исти, дека и со минимални ресурси можеме да постигнеме многу. Од загубари општини, блокирани општини, денеска со гордост можеме да кажеме дека по две години, само половина мандат и тоа во услови на Влада на ДУИ и СДСМ голем дел од нив успеаја да го вратат долгот на нивните претходници од редот на СДСМ и да ги одблокираат општините кои со децении биле блокирани, изјави Мицкоски.

Мицкоски најави дека за она што е направено во изминативе шест и пол години детално ќе се посвети во анализа и, како што рече, одговорност за сторителите ќе има.  – Да не дозволиме да ја губиме Македонија. Сите заедно да се обединиме и на 8 мај, а претходно тука на 24 април да дадеме една голема поддршка на кандидатот за претседател, кој ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.