Бислими: Приштина и Белград до петок ќе достават предлози за решавање на проблемот со динарот

– Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими по средбата во Брисел со српскиот главен преговарач, Петар Петковиќ, изјави дека до петок Косово и Србија ќе изготват предлози за прашањето на употребата на српскиот динар во Косово, а за тие предлози се очекува да се разговара следната недела.

Во изјава по средбата со Петковиќ и со посредникот на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, што ја пренесуваат медиумите во Приштина, Бислими рече дека најголемиот дел од денешната дискусија со српскиот главен преговарач се однесува на можностите како да се спроведе основниот договор од Брисел и неговиот анекс од Охрид, постигнати пред една година меѓу косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Бислими рече дека од српска страна побарал да знае „имаме ли договор“, додека како што напомена, Петковиќ одбил да одговори.

-Континуирано сакаме да слушнеме од српската страна дали имаме договор и дали сме посветени на целосното спроведување на тој договор. Одговорот беше избегнат неколку пати, додека на крајот беше кажано „не, договорот е проблематичен за Србија, бидејќи има членови кои се однесуваат на статусот“, особено оние членови за почитување на територијалниот интегритет, членството во меѓународни организации и слично. Впрочем, ни беше кажано дека Србија не го признава договорот како таков, а исто така ни беше кажано дека е невозможно Србија да потпише договор со Косово, рече Бислими.

Главниот преговарач на Косово рече дека посредникот на ЕУ, Лајчак заклучил оти „Србија има проблем да се движи во оваа насока“ и дека „депресивно е што и по една година сè уште не сме постигнале значителен напредок во овој поглед“.

-Главниот преговарач на Србија немаше мандат да разговара за ова, рече Бислими.

Косовскиот вицепремиер рече дека на средбата биле разгледани „можностите како да се официјализира, односно да се регистрира основниот договор и анексот за спроведување“.

-Беше сфатена загриженоста на Косово дека непотпишувањето влијае на неспроведувањето на договорот, но и на сериозноста на состојбите на терен, било преку барикади или со нападот во Бањска, што кулминира со писмото на (српската премиерка, Ана) Брнабиќ до ЕУ, во кое вели дека Србија не го почитува територијалниот интегритет на Косово, изјави Бислими.