Битиќи: Во моментов намалувањето е многу мало, но на 16 март цените на пецивата и млечните производи ќе бидат според владините одлуки

Речиси на крајот се анализите кои треба да покажат дали ќе поскапат шеќерот, јајцата и оризот, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Владата ќе почека, како што рече Битиќи, да пристигнат и официјално анализите од Министерството за економија, за да се разговара.

За цените на печивата и млечните производи кои до задутре, 16 март, треба да бидат пониски за 15, односно 10 отсто, Битиќи нагласи дека досега намалувањето е многу мало.

„Намалувањето е многу мало, но позитивни се реакциите дека на 16 март веќе сите ќе имаат намалени цени, според дефинираното. Но, на 16-ти производите ќе стигнат по цената што е дадена, не гледаме дека нема волја од другата страна, нагласи Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на германската економија. 

Според вицепремиерот, одлуките за замрзнување на цените не се носат за да се наштети на некого, туку за доброто на сите граѓани. 

„Секоја мерка се презема за доброто на граѓаните. Не сакаме да правиме штета со воведување мерки „денес за утре“, бидејќи сме свесни дека некои суровини се до одредена цена. За ова дадовме рок од речиси една недела, компаниите да потрошат одредени резерви и да почнат со замрзнати, пониски цени. Секоја мерка е преземена за доброто на граѓаните, притоа не сакаме никому да му наштетиме затоа што заедно дејствуваме во период на криза за да излеземе од неа“, рече Битиќи .