Битиќи: Го воведуваме првиот дигитален асистент во јавниот сектор „АДА“, базиран на вештачка интелигенција
– На денешната седница на Владата на Република Северна Македонија, преку демо-симулација беше извршена презентацијата на првиот дигиталниот асистент во јавниот сектор во нашата земја, „АДА“ дизајниран за потребите на програмите за државна помош. Преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да ги добијат сите релевантни информации и да се запознаат со достапните програми и отворени повици и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време.
– Апликантот „Кодвел Анлимитед“ кој на објавениот јавен повик беше оценет во конкуренција на три проекти како најиновативната идеја за дигитален AI асистент за чија реализација државата преку Фондот за иновации и технолошки развој обезбеди девет милиони денари од буџетот на ФИТР, изврши симулација како во пракса ќе функционира „АДА“, базиран на вештачка интелигенција, која за прибирање на информации комуницираше со дел од институциите кои се јавуваат како даватели на државна помош, и тоа: Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Фондот за иновации и технолошки развој, наведе заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.
Како што појасни Битиќи, преку дигиталниот асистент, граѓаните и заинтересираните странски инвеститори ќе можат да ги добијат сите релевантни информации и да се запознаат со достапните програми и отворени повици и гарантира голема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време.
– Со воведување на дигиталниот AI асистент до 80 проценти ќе се автоматизираат сите интеракции со корисниците, што ќе придонесе до голема заштеда на ресурси, проактивна комуникација со граѓаните, намалување на метежот во институциите, како и поефикасни и поефективни процеси, услуги и зголемување на продуктивноста на вработените. „АДА“ ќе биде достапна за граѓаните и заинтересираните странски инвеститори 24/7 и ќе може да даде одговор на сите најчесто поставувани прашања поврзани со Програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија, додаде вицепремиерот.
Тој додаде дека дигиталната алатка ќе има за задача да ја олесни комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите.
– Дигиталниот асистент е способен за брзо учење, ќе овозможи комуникација со корисниците преку текстуални пораки, да го прилагоди својот јазик и тон врз основа на контекстот, да разбере и одговори на македонски, албански и англиски јазик и лесно да се ажурира во реално време.
Дополнително, преку асистентот корисниците ќе можат да ја проверат и подобноста на своето претпријатие за некои од отворените повици, додека претпријатијата кои пак се интересираат за некоја од програмите, ќе можат да бидат информирани од страна на асистентот и да се пријават за истата преку оставање на потребните податоци, наведе Битиќи.
Вицепремиерот посочи дека со цел привлекување на поголем број странски инвестиции во земјата, асистентот ќе биде истрениран да ја претстави нашата држава како поволна инвестициска дестинација, притоа ќе понуди персонализиран пристап при комуникација со потенцијални странски инвеститори.
– „АДА“ може да ги води потенцијалните странски и локални инвеститори чекор по чекор низ процесот на избирање мерки на финансиска поддршка кои највеќе одговараат на нивните бизнис потреби и се очекува да направи револуција во канцелариската работа, рече Битиќи.
Имено, инспирација за дизајнирање на оваа алатка е Ада Ловлејс која се смета за првата програмерка во светот.
Во периодот кој следи и други владини институции ќе влезат во процес на адаптација и учење на „АДА“ со цел проширување на нејзините капацитети како би можела кон граѓаните да испорачува повеќе услуги.
Во иднина, дигиталниот асистент „АДА“ ќе биде основна контакт точка за услуги на граѓаните која ќе биде целосно дигитализирана. Тоа ќе придонесе до зголемување на ефикасноста, ефективноста, но поважно и транспарентноста на јавните услуги.