Битиќи: Со новата методологија пензиите пораснаа за пет илјади денари во две години

По долги години донесовме законоско решение со кое системски се вадат од нивото на сиромаштија пензионерите и се подобрува нивниот животен стандард, изјави вицепремиерот за економски прашња Фатмир Битиќи во „Трилинг“ на ТВ24.

Тој додаде дека во март 2021 година, со старата методологија за усогласување, просечната пензија била 15.664 денари, а во септември се покачила само за 200 денари, на 15.872.

„По носењето на методологијата во март 2022 година, просечната пензија се качува на 16.380 денари, за во септември 2023 таа да достигне 20.122 денари. За цели пет илјади денари е зголемувањето на просечната пензија во неполни две години“, истакна Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека ова е резултат на јасно дефинираната методологија која е законска и одржлива и ќе го врати достоинството на пензионерите.

„Во 2021 година корисници на пензија до 14 илјади денари, што Светска банка го зема како праг на сиромаштија, имало над 160 илјади. Во септември 2023 година има само 86 илјади пензионери со помала пензија од 14 илјади“, рече Битиќи.