Дигитализацијата во Македонија е прифатена како „нужно зло“

Македонија е многу подалеку од Европа кога станува збор за дигитализацијата во смисла на подобрување на условите и поврзувањето меѓу компаниите, но и меѓу бизнис секторот и државата. Почетокот на пристапните преговори со ЕУ значат и побрзо прилагодување на целокупното македонско општество со Европското, за што веќе се прават низа проекти и преку Еразмус програмите.

Европските компании веќе подолго време, покрај дигитализацијата на процесите и услугите, ја практикуваат и можноста за дигитална дообука на кадарот.

Според искуствата кои ги пренесоа дел од лица кои биле на студиска посета во некои европски земји, градежните компании веќе воведуваат симулатори преку виртуелна реалност за одредени обуки. Теоретскиот дел го поминуваат низ веќе подготвените онлајн платформи, а видео симулаторот го користат за симулација за возење на тешки градежни машини или кранови.

Дарко Мицкоски, сопственик на „Widnet solution“ компанија која изработува софтвери, смета дека во Македонија преовладува мислењето дека компаниите со странски сопственици предничат во дигитализацијата и пред се редовно прават трансфорамција согласно барањата на пазарите.

„Искрено, се уште сметам дека македонските компании дигитализацијата ја сметаат за трошок наместо за предност и добивка. Долгорочно гледано, македонските компании немаат верба дека со дигитализацијата на услугите ќе ги намалат трошоците а тоа ќе им овозможи поголема заштеда и можност за нови инвестиции онаму кафе што се најслаби.

Компаниите во Европа се далеку пред македонските компании. Тие ги унапредуваат или менуваат софтверите веднаш штом се појави потреба за тоа. Активно ги следат пазарите и цело време се натпреваруваат кој ќе понуди подобро решение“.

Според него, државата мора да се вклучи во процесот на дигитализација.

„Не само што треба финансиски да се вклучи туку добро за сите би било и да се следи процесот заеднички. Најважниот дел е системите кои ги поврзуваат јавниот и приватниот сектор да бидат 100% функционални. Ова е болка во моментов и за самата администрација. На пример не сите софтвери таму комуницираат помеѓу себе и понекогаш се чека долго за комплетирање на податоците“, ни изјави соговорникот.

Според информациите од поголемите македонски компании, тие го следат трендот на дигитализирање на процеси и услуги, но воведувањето дигитални дообуки на ниско квалификуван кадар сè уште не им е во програмите, ама истото би го прифатиле како нова можност доколку државата се вклучи во процесите и изнајдат заеднички интерес.