Битолски ресторан служел расипана храна, газдата не ги праќал вработените на задолжителни прегледи

При спроведена вонредна инспекциска контрола во угостителски објект во Битола, затекната е небезбедна храна во количина од 241 килограм, која по издадено решение од инспектор нештетно е уништена. За пуштање во промет на небезбедна храна на операторот изречена му е казна во висина од 600 евра во денарска противвредност, а со 300 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице во правниот субјект. Дополнително, на овој оператор со храна изречена му е и казна од 300 евра и 150 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице за неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените.

При редовен инспекциски надзор, во Охрид, со 1400 евра (1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице во правното лице) во денарска противвредност, казнет е маркет за пуштање во промет на небезбедна храна (сувомесни производи и мелено месо) кои биле без декларација и со поминат рок на употреба. Заради неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените, во Охрид, парично казнета е и месарница.