Благата прекумерна тежина има изненадувачки предности за една група на луѓе

Тотално изненадувачки, но според истражувањето на Британската диететска асоцијација објавено на крајот на ноември, луѓето постари од 65 години кои имаат блага прекумерна тежина не треба да тежнеат да ги „стопат“ вишокот килограми.

Истражувањата сугерираат дека за постарите луѓе, идеалниот индекс на телесна маса е всушност помеѓу 25 и 29,9, а не помеѓу 18,5 и 25, што се смета за нормален индекс за една возрасна личност.

Научниците во студијата истакнуваат дека прекумерната телесна тежина не е поврзана со смртноста кај постарите лица. Друга причина зошто постарите луѓе имаат корист од вишок килограми е тоа што телото складира енергија во маснотиите, кои може да се користат кога личноста ќе се разболи и нема многу апетит.

„Периодите на нарушено здравје се зголемуваат како што стареете“, вели Алисон Смит од Британската диететска асоцијација за „The New Scientist“, и додава: „Со охрабрување на постарите луѓе да ослабнат, вие всушност ги правите помалку отпорни“.

Покрај тоа, губењето на телесна тежина може да доведе до намалување на мускулната маса, што ја зголемува чувствителноста на постарите луѓе на повреди, но и на разни болести, се наведува во студијата.