Благоја Милевски за очекувањата пред утрешниот натпревар: “За добар резултат против Украина ќе мора да биде на повисоко ниво од нашето“

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски ги искажа своите очекувања за утрешниот квалификациски натпревар за ЕУРО 2024 со Украина.

Од фудбалерите кои ќе се најдат на терен може да очекуваме да го дадат својот максимум. Кој ќе настапи и колку ќе игра зависи од физичката подготовка на секој поединечно, а за натпреварувачка форма не можеме многу да зборуваме, туку за она кој од нив е близу до натпреварувачки ритам. Она што ме прави задоволен во овој изминат период, од 2. јуни па наваму, мислам дека успеавме да направиме баланс од оние кои завршија подоцна, со оние кои порано завршија со своите шампионати. Има крв и желба кај сите за овој натпревар и тоа ќе ни биде еден од условите за натпреварот со Украина, тоа ќе биде максимална трка и физичка подготвеност. Ќе мора да бидеме на 100%, затоа што Украина е извонредно квалитетна селекција и екипно и индивидуално. Мора да бидеме и на повисоко ниво од нашето, ако сакаме успешен резултат“, изјави Благоја Милевски.

Натпреварот ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје утревечер со почеток во 20:45 часот.