Селекторот Благоја Милевски очекува добар настап на македонските фудбалери на утрешниот натпревар против Англија во Скопје, истакнувајќи дека завршниот квалификациски дуел за ЕУРО2024 ќе биде продолжување на „континуитет на создавање нова генерација за следните предизвици“.
„Почнувајќи од септември имаме една цел-подмладување на репрезентацијата со нов лик за новиот циклус од Лигата на нации кој се игра од септември идната година. Тоа е процес кој мора да го минеме. Овие дуели и оние кои следат ќе треба да дадат јасна слика со што располагаме за во иднина“, истакна Благоја Милевски на денешната официјална прес – конференција пред реваншот со Англија од која во јуни во рамки на групата Ц, македонските фудбалери претрпеа пораз од 0:7.
Благоја Милевски вели дека од натпреварот во Манчестер, направени се доста промени, како во составот, така и во играта.
„Имаме повеќе млади играчи, кои треба да бидат иднината. На теренот имаме осцилации во играта, но тоа е процес кој треба да го поминеме. Играњето на вакви натпревари против селекции во кои има фудбалери од светска класа е одлична можност за младите играчи да го покажат квалитетот“, додаде Благоја Милевски.
Репрезентативниот голман Столе Димитриевски посака пресметката против Англија да биде натпревар за уживање за публиката на Националната арена „Тодор Проески“.
„Очекувам да се покажеме во вистинско светло со Англија. Да одиграме еден одличен натпревар за нашата публика и да покажеме на домашен терен дека сме многу подобри во играта. Двете селекции нема за што да се борат, ова нека биде еден фудбалски спектакл“, вели Столе Димитриевски.