Благој Бочварски: “Северна Македонија има значителен напредок во усогласувањето на транспортната политика со законодавството на ЕУ“

Спроведувањето на мерки и политики што ќе го олеснат транспортот и трговијата и ќе ја зголемат регионалната соработка како предуслов за заеднички пазар и интеграција во ЕУ, е во фокусот на министерски совет на министрите за транспорт и инфраструктура од Западен Балкан и на претставници од Молдавија, Грузија и Украина.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на заедничката прес-конференција со Мона Бјорклунд од Директоратот за транспорт при Европската комисија и директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, кажа дека меѓусебната зависност на земјите им дава поттик да спроведуваат мерки и политики што ќе го олеснат транспортот и трговијата и ќе ја зголемат регионалната соработка како предуслов за интеграција во ЕУ.

Благој Бочварски вели дека Северна Македонија има значителен напредок во усогласувањето на транспортната политика со законодавството на Европската Унија и дека во текот на летото земјата успешно ги завршила билатералните скрининзи со Европската комисија за поглавјата 14 – Транспортна политика и 21 – Транс – европски транспортни мрежи.

Силен напредок постигнавме во делот на железничкиот систем каде го донесовме Законот за железнички систем со кој овозможуваме либерализација на железничкиот пазар, забелешка која беше нотирана и во изминатите извештаи на Европската Комисија“, посочи Благој Бочварски.

Тој ги нагласи и инвестициите реализирани на главните коридори што минуваат низ државата.

Во делот на железничкиот Коридор 8 веќе ја градиме првата и втората фаза од источниот дел од Коридорот, делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, инвестиција над 200 милиони евра, а до крајот на годината ќе го распишеме јавниот повик и за третата делница од Крива Паланка до ГП Деве Баир, со што вкупната инвестиција ќе надмине 700 милиони евра. Извршивме рехабилитација на триесеттина километри на пругата Неготино – Ногаевци. Во делот на патната инфраструктура веќе привршуваме со рехабилитација на две делници на Коридорот 10, и тоа од Катланово до Петровец и од Демир Капија до Неготино. Исто така започнавме со изградба и на западниот дел на Коридор 8 до границата со Албанија. Кон исток привршуваме со изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и проширувањето до граничниот премин Деве Баир“, истакна Благој Бочварски.

Според претставничката од Директоратот за транспорт при Европската комисија, Мона Бјорклунд, денешниот состанок се случува во многу важен контекст на ниво на ЕУ.

Имено, неодамна Европската комисија го усвои Планот за раст на Западен Балкан со којшто ќе се овозможи придобивките од ЕУ да се прошират и во останатите земји од овој регион, меѓутоа, сето тоа ќе овозможи постојан зголемен раст но исто така и одржлива економска усогласеност“, истакна Мона Бјорклунд.

Вели дека ги поздравуваат сите напори на државите, но дека постои уште многу што треба да се постигне. 

Имено, три четвртини од законодавството се уште треба да се спроведе во целиот регион, токму затоа треба и да се зголемат напорите во таа насока“, порача Мона Бјорклунд.

Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек нагласи дека покрај на проектите, фокусот треба да се стави и на политичките реформи и сето тоа да се одвива паралелно со цел да се постигне значаен и одржлив развој.

Во овие времиња на глобална нестабилност и на конфликти мора да сме свесни и да ја цениме работата што ја вложуваме сите, затоа што се собравме на едно место за да работиме за подобро поврзување на ЕУ, да работиме на подобрување на функционалноста во Европа“, вели Матеј Закоњшек