Тој наведе дека премиерот на Косово Албин Курти и неговата влада треба да обезбедат избраните градоначалници да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и да ги повлечат полициските сили од околината.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го осуди насилството врз КФОР и ескалацијата на северот на Косово.
Блинкен во писмената изјава за медиумите ги повика сите страни да преземат итни мерки за деескалација на тензиите.
„Соединетите Американски Држави го осудуваат неприфатливото насилство над трупите на КФОР предводени од НАТО, органите за спроведување на законот и новинарите. Одлуката на Владата на Косово да присили пристап до општинските згради остро и непотребно ги ескалира тензиите“, истакна Блинкен.
Тој наведе дека премиерот на Косово Албин Курти и неговата влада треба да обезбедат избраните градоначалници да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и да ги повлечат полициските сили од околината, додека претседателот Александар Вучиќ и Владата на Србија треба да го намалат безбедносниот статус на Војската на Србија и да апелираат до косовските Срби да се воздржат од натамошно насилство.
„И Косово и Србија треба веднаш повторно да се посветат на вклучувањето во дијалогот што го води ЕУ за нормализација на односите“, порача Блинкен, соопштено е од Амбасадата на САД во Косово.