Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е заинтересиран за „договор“ за завршување на војната со Русија откако двајцата се сретнаа во Париз за да разговараат за иднината на овој конфликт.
Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на разговорите со Зеленски и Трамп во Елисејската палата, додека во Киев растат стравувањата за ставот на новата американска администрација.
Трамп претходно отворено се потсмеваше на воената помош од милијарди долари што се испраќа во Украина и се пофали дека може да го заврши конфликтот за 24 часа.
– Зеленски и Украина би сакале да се договорат да го прекинат лудилото. Треба да има итен прекин на огнот и да почнат преговори. Премногу животи непотребно се трошат, премногу семејства се уништени, а ако продолжи, може да се претвори во нешто многу поголемо и многу полошо – напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Неколку часа по состанокот на големата тројка, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во заминување објави нов пакет воена помош за Украина од 988 милиони долари.
Пакетот нова воена помош вклучува беспилотни летала, муниција за прецизни ракетни фрлачи ХИМАРС, опрема, резервни делови за артилериски системи, тенкови и оклопни возила, соопшти Пентагон.
Во Украина постои загриженост дека Трамп би можел да се заложи за непопуларни отстапки за да се постигне мир. Зеленски инсистираше на тоа дека секое решение со Русија мора да биде фер.
– Сите сакаме мир, но за нас е многу важно мирот да биде фер за сите нас и Русија, Путин или кој било друг агресор да немаат можност некогаш да се вратат – најави Зеленски.
– Ова е најважното нешто, праведен мир и силни безбедносни гаранции за Украина – додаде тој.
Зеленски му се заблагодари на Трамп за неговата „непоколеблива решителност“ опишувајќи ги разговорите како „добри и продуктивни“.
Средбата на Зеленски со Трамп, непосредно пред и двајцата да присуствуваат на церемонијата на повторното отворање на катедралата Нотр Дам, беше негова прва средба лице в лице со успешен американски бизнисмен кој долги години се занимава со политика, а сега доаѓа на власт во САД по вторпат.
Состанокот, исто така, понуди единствена шанса за Макрон да добие увид за тоа како ќе изгледа втората администрација на Трамп кога ќе ја преземе функцијата претседател на САД во јануари.
Патувањето во Париз е прва меѓународна посета на Трамп по неговата изборна победа на 5 ноември.
Посебно медиумско внимание привлече моментот кога Трамп и Макрон неколку пати се прегрнаа и се ракуваа на скалите пред влезот на претседателската палата во Париз , објави Франс24.