Потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел денеска изјави дека Русија со години вложува во дезинформации и манипулации со информации како еден вид индустрија, многу повеќе отколку што инвестира ЕУ во борбата против дезинформациите.
Борел на конференцијата на Службата за надворешни работи на ЕУ за странското мешање и манипулациите со информациите во Брисел рече дека денеска дезинформациите и пропагандните медиуми се оружје на Кремљ, кој не само што се обидува да ја контролира ситуацијата „дома“ како автократски диктаторски режим, туку се обидува и да ги дестабилизира другите.
„Денес е јасно дека војната не ја водат само војниците на бојното поле. Таа се одвива и во информативниот простор, настојувајќи да го освои срцето и умот на луѓето“, рече Борел.
Според него, Русија е господар на дезинформациите, вложува многу во нив, користи илјадници луѓе и тоа го прави систематски и постојано, на ниво на индустрија.
Борел на собирот рече и дека денеска е објавен првиот извештај за заканите од манипулации во странските информации и мешање, што укажува на јасен тренд на закани во информативниот простор на ЕУ.
Еден од главните наоди на извештајот е дека Русија ги мобилизирала сите инструменти за водење кампања на дезинформации преку медиумите контролирани од државата, дипломатската мрежа и нејзините „помошници“.
Целта на овие кампањи е да се искриви реалноста со цел да се одвлече вниманието од рускиот напад врз Украина.
Извештајот го потврди и постоењето нов бран техники на дезинформирање, процедури и методи. Се наведува дека Русија користи евтини технологии да произведе лажна слика и видео записи, а не се воздржува, според Борел, ниту од создавање лажни веб-страници.
„Содржините се шират со брзината на светлината и се објавуваат на социјалните мрежи, сервисите за пораки и пропагандните медиуми“, предупреди Борел.
Високиот претставник рече и дека ЕУ мора да инвестира повеќе и да работи повеќе со партнерите ширум светот во борбата против дезинформациите.
Тој исто така рече дека ЕУ мора да биде поприсутна и ангажирана на различни јазици и во различни медиуми.