По 12 часа постигнавме договор како да се имплементира договорот постигнат на 27 февруари помеѓу Србија и Косово. Можам да соопштам дека Косово и Србија се согласија за анексот за имплементација на Договорот, што треба да води кон нормализација на односите помеѓу нив, соопшти вечерва високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, по завршувањето на трилатералната средба во Охрид.
Како што појасни тој, имплементацијата на договорот значи практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како.
Ова, како што рече Борел, доаѓа по долги и тешки преговори.
– Денеска имавме средби во неколку формати со цел да ги надминеме разликите помеѓу страните, рече Борел.
Борел, како што беше најавено, со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти разговараа за имплементацијата на анексот – составен дел од Договорот на патот кон нормализација на односите.
Во Охрид високиот претставник на ЕУ, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак претпладнето имаше најнапред одвоени средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Разговорите во Охрид меѓу високите претставници на ЕУ и на Србија и на Косово траеја речиси 12 часа.
Исходот од средбата во вилата „Билјана“ во Охрид го чекаа повеќе од 200 новинари од земјава, од Косово, од Србија и други странски известувачи.