Поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, најави дека почнува да работи на ТВ каналот GB News, а неговата главна работа ќе биде известување за изборите во САД и Британија следната година, пренесува Би-би-си. Џонсон, кој оваа година се пензионираше како пратеник, ќе работи за каналот како водител, креатор на програма и коментатор.
Тој ќе „игра клучна улога“ во известувањето за изборите во Обединетото Кралство и САД следната година и ќе биде домаќин на серија што „ја покажува моќта на Британија низ целиот свет“, соопшти GB News.
Џонсон преку социјалната мрежа Х вети дека ќе презентира „неизвалкани ставови“ за низа теми.
Поранешниот премиер на Велика Британија, кој пишува и колумна за Дејли Мејл, ќе започне со работа во новата година.
Џонсон е последниот во низата политичари од Конзервативната партија што се вклучи во соработка со оваа телевизија. Пред тоа, тоа го направија поранешниот секретар за економија во британската влада, Џејкоб Рис-Мог, заменик-претседателот на партијата, Ли Андерсон и пратениците Естер Меквеј и Филип Дејвис.
На конзервативната партија и’ се предвидува пораз на изборите, по повеќе од 10 години непрекината власт во Велика Британија.