Бочварски: Експресниот пат Страцин – Крива Паланка е проект на СДСМ, горди сме што е завршен

„Со гордост ја споделуваме веста за завршување на експресниот пат Страцин – Крива Паланка. Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година. Станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот регион и значително ќе придонесе за подобрување на поврзаноста, за економскиот раст и развој, како и за квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка и околината. Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година. За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат“ изјави денеска Благој Бочварски, пратеник на СДСМ.

Тој рече дека „целиот проект е вреден 94 милиони евра, финансиран преку средства од Светска банка и грантови како дел од нашиот најзначаен Коридорот 8. Со овој пат жителите од целиот регион ќе можат побрзо и побезбедно да патуваат меѓу Куманово и Крива Паланка, но добиваме модерно патно поврзување по една од најкомплексните делници во нашата држава, во североистокот“.

„Стариот пат беше со многу свиоци и бавно движење на тешките товарни возила. Добиваме подобра поврзаност Скопје- Софија нешто што ќе влијае на развојот на трговијата, економијата и туризмот. Конечно, граден по највисоки стандарди преку кој избегнуваме многу црни точки, која наликуваше на делница од 19 век а добиваме безбедност при патувањето за нашите граѓани и за сите учесници во сообраќајот. Во североистичниот дел на земјата СДСМ инвестираше многу, особено во делот на инфраструктурата, патиштата и развој на целиот овој регион. И тоа граѓаните од овој крај добро го знаат“ порача Бочварски.