Бојмацалиев ги повика пратениците да го изгласаат Законот за продажба на станови во државна сопственост

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи во техниката Влада Митко Бојмацалиев ги повика пратениците во Собранието да го изгласаат Законот за продажба на станови во државна сопственост, со што, како што вели, ќе се создадат подобри услови за живот на вработените во МВР.

-Дозволете ми во свое и во име на МВР да го истакнам значењето на Законот за продажба на станови кои се во државна сопственост, а кој моментално се наоѓа во собраниска процедура. Овој закон претставува значаен чекор напред кон подобрување на условите за живот и работа на нашите вработени. Тоа е израз на признание за нивната неуморна посветеност, труд и жртва што ја прават во секојдневното извршување на полициските работи. Верувам дека оваа мерка ќе придонесе кон мотивација и задоволство на нашите вработени, а со тоа и кон понатамошно зајакнување на нашата институција, вели Бојмацалиев во јавното обраќање до пратениците и до претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојановски.

Според него, од круцијална важност е да се одблокира процедурата за донесување на овој закон којшто е пуштен во собраниска процедура уште во 2021 година, поточно 6 јули 2021 година, а кој моментално е заглавен во Комисијата за финансирање и буџет.  

-Овој закон овозможува лицата вработени во МВР и безбедносно-разузнавачките служби, како и оние кои се стекнале со право на пензија во МВР, да ги откупат државните станови кои ги користат подолг период, со што го решаваме нивното станбено прашање. Недозволиво е некој во македонското Собрание некој дрши активна блокада и да делува наспроти интересите на граѓаните и на вработените во МВР. Затоа, ве повикувам да застанете на висина на задачата и законот да биде изгласан во интерес на сите нас, нагласува дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во обраќањето.