Бразилската полиција упадна во домот на Болсонаро – уапсени три лица од неговото најблиско опкружување

– Бразилската полиција изврши претрес во куќата на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро и уапси еден од неговите најблиски соработници. Потполковникот Мауро Сид Барбоса, опишан од бразилскиот печат како „десната рака“ на Болсонаро, е уапсен заедно со уште пет лица. Покрената е истрага поради наводно фалсификување документи за вакцинација против коронавирусот.

Гардијан пренесува дека полицијата извршила претрес на неколку адреси во Бразилија и Рио де Жанеиро. Приведени се и двајца од обезбедувањето на Болсонаро. Мобилните телефони на Болсонаро и неговата сопруга Мишел се одземени, а Болсонаро наводно одбил да им ја даде лозинката на полицајците.

Инспекторите веруваат дека голем број официјални записи за вакцинација биле фалсификувани во базата на податоци на Министерството за здравство за да се изготват лажни сертификати за вакцинација за да се овозможи меѓународно патување, вклучително и во САД. Наводно, меѓу фалсификуваните записи се и оние на Болсонаро и неговата 12-годишна ќерка Лаура.

Лажните податоци најверојатно биле вметнати во базата на податоци меѓу ноември 2021 и декември минатата година. Болсонаро беше поразен на претседателските избори од Лула да Силва минатиот октомври. За време на неговиот мандат, Болсонаро се соочи со меѓународни критики за неговото несовесно и антинаучно справување со пандемијата.

Во Бразил, повеќе од 700.000 лица починаа од коронавирусот, а екстремно десничарскиот политичар постојано ги поткопуваше напорите за сузбивање и вакцинирање против болеста. Неколку пати повтори како одбива да се вакцинира. 

Лула да Силва минатата недела рече дека Болсонаро треба да биде изведен пред суд за неговите постапки за време на пандемијата.