Прес-служба на рускиот претседател: Украина изврши напад со дронови на резиденцијата на Путин во Кремљ

„При овој терористички чин претседателот на Руската Федерација не е повреден. Распоредот на неговата работа не е променет, тој работи како и вообичаено“.

Синоќа две украински беспилотни летала ја нападнале резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ, соопшти денес прес-службата на рускиот претседател, нарекувајќи го нападот „терористички“ обид за атентат.

Руската војска и разузнавачките служби ги онеспособиле двата дрона, при што немало жртви, а Путин не е повреден и продолжува со своите обврски, се вели во соопштението на прес-службата. Путин не бил ни во Кремљ за време на нападот, изјави подоцна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„При овој терористички чин претседателот на Руската Федерација не е повреден. Распоредот на неговата работа не е променет, тој работи како и вообичаено“, се вели во соопштението.

Кремљ соопшти дека го гледа обидот за синоќешниот напад како „планиран терористички напад“ и обид за убиство на претседателот во пресрет на Денот на победата, кој се одбележува во Русија следниот вторник, на 9 мај, во чест на завршувањето на Втората светска војна.

Русија го задржува правото да одговори на нападот врз Кремљ на место и во време кога ќе смета за соодветно, се нагласува во соопштението.

По веста за обидот за напад, Москва ги забрани летовите на беспилотни летала во главниот град.