Бразил одби барање на Вашингтон за екстрадиција на руски државјанин во САД

– Бразилските власти одбија барање на САД за екстрадиција на рускиот државјанин Сергеј Владимирович Черказов кој е обвинет за влез во САД под лажен идентитет за да шпионира Американци, а во периодот пред инвазијата на Русија во Украина.

Бразилскиот министер за правда и јавна безбедност изјави дека барањето за екстрадиција на САД е „неосновано“, бидејќи Врховниот суд на земјата веќе одобрил конечна екстрадиција на Черказов во Русија, каде, според руски државни медиуми, е обвинет за трговија со дрога.

Тој ќе биде екстрадиран во Русија откако во Бразил ќе ја одлежи затворска казна за кражба на идентитет и фалсификување, дознава Си-ен-ен. Неговата затворска казна од пет години и два месеци започнала од јули 2022 година.

Ако американските власти допрат до него, се претпоставува дека Черказов може да стане подобен кандидат за размена на затвореници меѓу Русија и САД. Администрацијата на Бајден бара таква прилика да дојде до поценет руски државјанин со што би се натерала Москва да ослободи двајца Американци кои за Белата куќа се противправно задржани – новинарот Иван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан, дознава Си-ен-ен.

Според Министерството за правда на САД, Черказов влегол во Америка во 2018 година под прикритие упис на магистерски студии во Вашингтон. Тој се претставувал како Виктор Мулер Фереира, откако изготвил лажни документи во Бразил каде се претворал дека е син на починат Бразилец. Откако се вратил во Бразил во 2022, властите таму го уапсиле за кражба на идентитет и фалсификување.