Бразил сака да учествува во истрагата за несреќата во која загина Пригожин

 Бразилскиот Центар за истражување и спречување на воздухопловни несреќи (ЦЕНИПА) препорача Русија да отвори истрага за падот на авионот од бразилско производство во кој загина шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин според меѓународните правила, но Русија одговори дека тоа нема да го стори „во овој момент“.

ЦЕНИПА соопшти дека е подготвена да ѝ се приклучи на Русија во нејзината истрага за падот на приватниот авион Embraer Legacy 600. Руските воздухопловни власти немаат обврска да се согласат бидејќи тоа беше домашен лет од Москва до Санкт Петербург, но некои иследници веруваат дека Русија треба да го стори тоа затоа што САД и други западни влади се сомневаат дека Кремљ стои зад авионската несреќа.

– Тие немаат никаква обврска, само им беше препорачано да го сторат тоа, изјави шефот на ЦЕНИПА Марсело Морено откако бразилската агенција испрати барање до руските власти.

– Но, ако кажат дека ќе отворат истрага и ќе го повикаат Бразил, ние ќе учествуваме од далеку, додаде Морено.

Американскиот консултант за воздухопловна безбедност и поранешен истражител Џон Кокс рече дека внатрешната руска истрага ќе биде доведена во прашање без учество на Бразил, земјата во која е произведен авионот.

– Мислам дека тоа ја повредува транспарентноста на руската истрага, рече Кокс за одговорот на Русија кон Бразил.

Пригожин загина на 23 август во пад на приватен авион во Тверската област, недалеку од Москва. Кремљ негира каква било вмешаност во смртта на Пригожин.

Несреќата се случи два месеци откако тој и неговите платеници почнаа бунт против руските воени команданти во кој ја презедоа контролата врз јужниот град Ростов на Дон и напредуваа кон Москва, пред да се вратат во своите бази.

Тоа беше најголемиот предизвик за владеењето на рускиот претседател Владимир Путин откако ја презеде власта во 1999 година.