Бранко Азески: “Стопанската комора ја укинува членарината, ја афирмира Шумановата економска Европа, најавува мега проект за обединување на бизнисот“
Денеска е 13 август, познат по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и по роденденот на мојата сопруга. Бидејќи годините за жените не се кажуваат, овие од Охридскиот договор се точно 22. Денот е како роден за поставување на нови одредници што ќе го усмерат развојот. Денеска, гледано од аспект на меѓународните, регионалните и домашните состојби, потребен е нов Шуманов план кој ќе направи пресвртница за доброто на економијата.
Комората, се разбира во делот на бизнисот како најстара и најзначајна бизнис заедница, прва ги прецизира своите ставови кои изгледаат вака:
1. Мора да се подигне лојалноста кон државата.
2. Власта и опозицијата да прекинат со нетрпеливоста и на демократски начин да ја извлечат државата од кризата.
3. Да престане популизмот и да се свртиме кон реалноста.
4. Сивата економија, корупцијата, завршувањето на гасификацијата, состојбите во железничкиот и патниот сообраќај нѐ фрустрираат, а трошењето на буџетот за непродуктивни цели многу нѐ загрижува.
5. Апсолутно сме за европска интеграција, но свесни сме дека европските лидери направија многу преседани на штета на малите земји.
6. Нам ни треба отворање на Балканот, враќање на историјата на историчарите и обединување на бизнисот. За почеток, пристаништето во Солун да биде точка на балканското обединување на бизснисот.
Ние секој ден слушаме како се зборува „вие само барате“. Да, точно е. Ние бараме затоа што создаваме, но не само за себе, туку и за државата и за целото општество.
Овој текст ќе изгледа како сите други, ако не се осврнеме на новите алатки што ни стојат на располагање. Најпрво, Декларацијата за општествен консензус и за економски реформи, политики и мерки. Таа е кратка, јасна и разбирлива за секого. Потпишана од сите релевантни чинители на економските политики во државата. Позната како Рамковен договор за десетгодишен приоритет на економијата. Како резултат на Декларацијата ќе произлезе и договор за регулариње на меѓусебните односи на јавниот и на приватниот сектор.
На крајот клучната констатација. Она што го бараме од државата дали го правиме и ние во Комората? Мислам да. Но, да бидам поконкретен. Неколку пати сум најавувал, а сега ќе им предложам на органите и телата на СКСМ прогласување мораториум за едногодишно неплаќање на членарина од страна на фирмите. За компаниите ова решение можеби и нема да има влијание врз нивните раходи, но тоа е гест дека ние сме свесни за нивните состојби и како заедница сакаме да им помогнеме, откажувајчи се од 40% од нашите приходи кои се обезбедуваат на доброволна основа. Со тоа го продолжуваме она што го направивме за компаниите кога им беше најтешко, како вакцините, како поддршката во енергетската криза, како грантовите за воведување на дуалното образование, како подарените CNC машини, за поддршка на нивниот извоз. И се разбира заедничкиот настап на саемските манифестации во светот.
Но, ова едногодишно укинување на членарината не значи дека во следните 365 дена ќе ги затвориме вратите и ќе ја преспиеме годината. Тука напротив, ќе се мобилизираме и уште посилно ќе работиме за нашите членки.
Обостраната соработка на сите чинители во процесот на стратешката трансформација во Комора на иднината, оваа година ќе ги афирмира и Институтот за извоз, Берзата на труд, Судот на честа, Школата за бизнис лидери, Конференцијата за напредни технологии и Дигиталниот клуб. Арбитражата и Советот за странски инвестиции ќе доживеат сериозни позитивни трансформации.
П.С. Дали се создадени услови да се премине Рубиконот? Ние сме подготвени да партиципираме во тој процес. Имам една порака до критичарите, да продолжат да не критикуваат со сета жестина, но конструктивно, затоа што со тоа ја држиме нашата кондиција, а кондицијата ни е потребна за да предложиме и еден мега економски проект, кој ќе ја обедини целата економија во државата во наредните десет години. Но, за тоа во наредната колумна.
Бранко Азески – колумна.