Брисел го омекнува ставот – Скопје и Софија да најдат решение кое ќе гарантира дека ќе нема нови блокади

Брисел му дава поддршка на Скопје во напорите да изнајде решение прифатливо за сите страни и да обезбеди гаранции за евроинтеграцискиот процес. Првиот човек на Парламентот е дециден дека препреката уставни измени мора да се надмине, но во иднина да не се отвораат прашања поврзани со идентитетот кои се тешко решливи.

Задоволен од реториката на европратениците, чија делегација е во дводневна посета на Македонија и заседава во рамки на Мешовитиот парламентарен комитет, Гаши порача дека патот кон ЕУ мора да се заснова на копенхашките критериуми а не на историски прашања кои не разделуваат. Со новата влада во Бугарија очекува поинтензивна комуникација која ќе го затвори спорот, ќе се крене рампата и ќе се отворат кластерите.

Мешовитиот парламентарен комитет меѓу ЕУ и нашето Собрание, два дена една висока делегација од ЕП престојува тука. Разговарано е за главното прашање, како да продолжиме натаму за што побрзо зачленување во ЕУ. Знаете дека препреката се уставните измени, да пристапиме кон процесот, но во иднина да немаме покренување на прашања кои се поврзани со идентитетот бидејќи знаеме дека се тешко решливи. Треба да се разговара за копенхашките критериуми, кои се главни критериуми за членство. Сметам дека новата влада во Бугарија ќе имаме поинтензивна комуникација, исто така и Брисел и сите пратеници се желни да ни помогнат. Посакувам што побрзо да го затвориме ова прашање, да ги започнеме преговорите и да влеземе во ЕУ, рече Гаши.

Гаши се сретна европратениците – чија делегација е предводена од хрватскиот европратеник Карло Реслер, копретседавач на овој заеднички комитет. Меѓу 13те европратеници, е и Томас Вајц, известител за Македонија во Европскиот парламент. На состанокот присуствуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас.

Вајц во интервју за Агенда 35 порача дека билатералните прашања го окупираа целиот процес на преговори. За да има уставни измени според него, Македонија мора да добие гаранции дека тие се последното билатерално условување на патот.

Европратениците истакнаа дека во моментот во однос на проширувањето на Европската Унија постои прозорец на можности кој треба да се искористи а информираа и дека Европскиот парламент како приоритет ја поставува зајакнатата соработка со парламентите на земјите од Западен Балкан.