Британско МО: Поради неуспешниот договор за жито, можно интензивирање на воениот судир во Црното Море

Црноморската флота на Русија се подготвува да ги блокира украинските пристаништа откако Москва се повлече од меѓународниот договор за жито, тврдат британски воени аналитичари.

Модерната руска корвета Сергеј Котов веќе патролира на рутата меѓу Босфорот и украинскиот пристанишен град Одеса, соопшти британското Министерство за одбрана во дневниот разузнавачки извештај за војната во Украина.

„Постои реална можност тие да бидат дел од група за пресретнување на комерцијални бродови за кои Русија верува дека пловат кон Украина“, се наведува во извештајот.

Неуспешниот договор за жито го зголемува потенцијалот за вооружен конфликт да се интензивира во регионот на Црното Море, се додава во британскиот извештај.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли во вторникот предупреди дека „Обединетото Кралство верува дека Русија би можела да ја ескалира својата кампања за уништување на украинскиот извоз на храна со гаѓање на цивилни бродови во Црното Море“.