Брнабиќ по средбата со Си: Кина никогаш нема да го промени ставот за Косово

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска во Пекинг, по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, изјави дека разговорот поминал добро и оти Си навестил оти следната година ќе се обиде да дојде во Србија.

„Ова е голема работа за нас, за нашата земја и за сите наши граѓани. Потврдивме заемно партнерство, поддршка, пријателство на политички и економски план“, изјави Брнабиќ.

Во политичка смисла, како што наведе таа, Кина никогаш нема да го промени ставот за прашањето за Косово и Метохија.

Брнабиќ истакна дека Србија целосно ја почитува политиката на една Кина, која нема да се промени.

Што се однесува до економските односи меѓу Србија и Кина, таа рече дека се многу добри и се подобруваат.

„Секако дека очекувам нова ера на односите и меѓусебни размени во трговијата по потпишувањето на Договорот за слободна трговија“, рече Брнабиќ.

Премиерката истакна дека иднината на Железара Смедерево е сосема безбедна и дека сопственикот на компанијата, кинеската групација ХБИС, има јасни планови за дополнителни инвестиции.

Како што рече, следниот фокус на вториот круг инвестиции во Железара Смедерево се енергетската ефикасност и зелената транзиција.

„Планираат и дел од Железарницата да работи на водород, што е идејата дека во следните неколку децении нема да има емисија на штетни гасови. Тоа се неверојатни работи“, рече премиерот.