Бројот на загинати во земјотресот во Тајван се зголеми на 13, шест лица се водат како исчезнати

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,2 степени во Тајван денеска се искачи на 13, а шест лица се уште се водат како исчезнати по критичниот 72-часовен период на преживување утрово, додека повеќе од 1.100 лица се повредени, соопштија тајванските власти.

Зголемувањето на бројот на загинати беше објавено откако спасувачите открија уште три тела во изминатите два дена на патека во националниот парк Тароко, објави Кјодо.

Хеликоптерите ги превезуваат луѓето на безбедно додека продолжуваат последователните потреси.

Земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала го погоди во средата планинскиот источен брег на Тајван во ретко населената област Хуалиен.

Тајван се наоѓа во близина на спојот на две тектонски плочи и е подложен на чести земјотреси.

Повеќе од 100 луѓе загинаа во земјотрес во јужен Тајван во 2016 година, а во земјотрес со јачина од 7,3 степени во 1999 година загинаа повеќе од 2.000 луѓе.