– Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа се искачи на 34.305 од октомври минатата година, соопшти денес Министерството за здравство во Газа.
Министерството истакна дека 77.293 лица се повредени во израелските напади што започнаа на 7 октомври минатата година.
„Најмалку 43 лица загинаа, а 64 се повредени во израелските напади во последните 24 часа“, соопшти Министерството.
„Многу жртви сѐ уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.
Израел започна офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
По повеќе од шест месеци од почетокот на израелската војна огромен дел од Газа е во урнатини, според Обединетите нации, 85 отсто од населението на Појасот Газа се внатрешно раселени, постои акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.