Бројот 88 забранет на фудбалските дресови во Италија

Како дел од иницијативата за борба против антисемитизмот, на фудбалерите во Италија во иднина ќе им биде забрането да го носат бројот 88 на своите дресови, објавија денеска италијанските фудбалски власти.

Бројот 88 во нацистичката идеологија го симболизира поздравот „Хајл Хитлер“.

Иницијативата, која ја координираат италијанската Влада и националната фудбалска Федерација, повикува, меѓу другото, фудбалските натпревари да бидат прекинати во случај на антисемитски скандирања.

Во март годинава навивач кој носеше дрес на римски Лацио со натпис „Хитлерсон“ и бројот 88 доживотна забрана да присуствува на натпревари на овој прволигаш.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси рече дека овие чекори се „соодветен и ефикасен одговор на неподносливите предрасуди кои пречесто се појавуваат на италијанските стадиони“.

„Кредибилитетот на фудбалот, кој е повреден и оштетен од дискриминаторското однесување, има директна рефлексија врз италијанското општество“, порача првиот човек на Фудбалската федерација на Италија, Габриеле Гравина.