Брутален руски напад врз родниот град на Зеленски, најмалку четворица загинати

Руски сили извршија ракетен напад врз хотел во Криви Рих, регионот Дњепропетровск, при што загинаа четири лица, а најмалку 30 други беа ранети, меѓу кои и едно дете, соопшти гувернерот Серхиј Лисак. Ракетата го погодила петкатниот хотел околу 22 часот, при што загинал 53-годишен маж. Лисак подоцна потврди дека уште двајца мажи и една жена биле убиени во нападот, додека 43-годишен маж починал во болница следното утро.

Повредени се најмалку 30 лица, меѓу кои и едно дете, а 14 лица се во тешка состојба. Повеќето од ранетите се пренесени во болница, рече Лисак.

Претседателот Володимир Зеленски откри дека волонтери од хуманитарна организација – државјани на Украина, САД и Обединетото Кралство – пристигнале во хотелот непосредно пред нападот. Преживеаја затоа што успеаја да побегнат од своите соби. Зеленски не прецизираше дали доброволците се повредени.

Покрај хотелот, во нападот се оштетени 14 станбени згради, пошта, културен центар, 12 продавници и речиси 20 автомобили, изјави гувернерот. Службите за вонредни состојби се на терен и ги расчистуваат урнатините, а Украинската државна служба за вонредни состојби предупреди дека под урнатините може да има уште жртви.

Криви Рих, родниот град на претседателот Зеленски, е честа цел на руски ракетни напади. Со население од околу 660.000 жители, тој е втор по големина град во регионот Дњепропетровск и се наоѓа на околу 70 километри северозападно од линијата на фронтот.